Зеленски до ЕУ: Докажете дека сте со нас

Володомир Зеленски

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска ги предизвика европските пратеници да „докажат“ дека стојат со Украина. Говорејќи пред Европскиот парламент еден ден откако Украина поднесе официјално барање за пристапување во Европската унија, Зеленски рече дека неговата земја ја докажала својата сила во шестдневниот отпор на неиспровоцираната инвазија на Русија.

„Европската Унија ќе биде многу посилна со нас, тоа е сигурно. Без вас, Украина ќе биде сама. Докажете дека сте со нас. Докажете дека нема да не пуштите. Докажете дека сте навистина Европејци и тогаш животот ќе победи над смртта, а светлината ќе победи над темнината“, рече Зеленски во обраќањето дадено преку видео врска.

Зеленски вчера изјави дека потпишал официјално барање Украина да се приклучи на Европската унија.Тој побара од Европската унија да и дозволи на Украина веднаш да добие членство по посебна процедура, бидејќи таа се брани од инвазија на руските сили. Претседателите на осум држави од централна и источна Европа потоа ги повикаа земјите-членки на Европската Унија веднаш да и дадат на Украина статус на земја-кандидат за членство во ЕУ и да започнат преговори за членство.