Србија ќе се приклучи на сите одлуки на Генералното собрание на ОН кои се однесуваат на нарушувањето на територијалниот интегритет на Украина, но не и на санкциите против Русија, изјави денеска претседателот на земјата, Александар Вучиќ.
„Вчера имавме девет гласања, во осум не се придруживме, на едно гласање се приклучивме. Денес имаме едно каде што ќе се приклучиме, па така секој ден, само информирајте ме на крајот за тие бројки. За се она што се однесува на рушење и кршење на територијалниот интегритет, Србија се приклучува, за она каде што се во прашање санкциите, Србија нема да се приклучи, барем додека можеме да издржиме и ова уште малку, уште неколку дена додека сум де факто претседател на републиката. Е сега, откако ќе изберете (на изборите) некој друг, тоа е друга приказна“, изјави Вучиќ.
Според него, Србија се соочува со огромни притисоци и имал разговори со претставници на повеќе земји.
„Само толку за големото почитување на независноста и правото на другите земји да одлучуваат“, кажа Вучиќ.
Во однос на барањето за забрана на руските канали Спутник и Раша Тудеј, Вучиќ порача дека некој во Србија сакаат да ги забранат сите медиуми што поинаку зборуваат.