Македонското семејство со новороденче го напуштило Харков

Mинистерот за надворешни работи Бујар Османи информира дека семејството Спирковски со новороденче кое има само неколку дена и кое било во најтешка состојба го напуштило Харков и е дел од посебен безбедносен коридор.

„Тие со на безбедно и се во добра состојба. Очекувам во текот на денот да ја напуштат Украина и потоа со асистенција на нашата дипломатска мрежа, од соседството на Украина, ќе се воспостави нивниот транспорт до Скопје“, напиша Османи на Фејсбук.

Според него, тоа е најсложениот случај од процесот на евакуација.

„Продолжуваме понатаму во соработка со нашите партнери и сојузници, во обезбедување нови безбедносни коридори за евакуација на нашите граѓани од Украина. Да информирам, дека во Харков, градот кој е најпогоден со воени дејствија, во моментов немаме веќе пријавени наши државјани“, пишува Османи.

Руската војска влезе во Харков пред некој ден, а инвазијата врз нејзиниот сосед Украина започна на 24 февруари. Македонија се приклучи кон санкциите на ЕУ кон Москва, по инвазијата на Украина. Земјата го затвори воздушниот простор, а на владина седница беше одлучено да и се прати воена и хуманитарна помош на Украина.