Одлука за испраќање наши војници во Украина нема и нема да има, рече денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска. Таа вели дека Северна Македонија е членка на НАТО и земјава ќе ги почитува и спроведува сите одлуки кои се носат во рамки на Алијансата, затоа што сме е и составен дел од процесот на носењето на тие одлуки. Петровска денеска беше на одбележувањето на Денот на баталјонот за специјални сили на Армијата во скопската касарната „Илинден“.
Таа додаде дека досега земјава се придружи на санкциите што беа воведени од страна на ЕУ. Во однос воената помош за Украина, министерката Петровска појасни дека се работи за воена опрема и вооружување согласно побарувањата на украинските власти.
„Нивното барање кон нас беше класифицирано и од тие причини и нашата одлука е се уште класифицирана. Но, сметавме дека како чин на транспарентност, јавноста заслужува да биде информирана дека таква одлука сме донеле и заради тоа ја дадовме таа куса информација дека донесовме одлука за воена помош на Украина“, изјави Петровска.
Министерката рече дека министерствата добиле задолженија да ги разгледаат капацитетите што се во нивна сопственост и на нивно располагање, колку се тие се функционални и дали би можело да се стават на располагање на евентуални бегалци од Украина.
Таа најави дека во скоро време и Владата ќе излезе со подетална информација околу тоа кои капацитети би ги ставиле на располагање за евентуално сместување на бегалци. Според неа, би се користеле капацитети кои беа користени, а се во сопственост на МО, и во претходните бегалски кризи, но и ковид кризата. Тие сега се во фаза на проверка, каква им е состојбата и дали можат да бидат ставени во функција.