Рускиот спорт и забава продолжуваат да ги чувствуваат последиците од глобалното противење на руската инвазија врз Украина, поради тоа што се зголемува бројот на забранети руски спортски тимови и изведувачи и се откажуваат настани.
Рускиот диригент Валери Гергиев денеска беше отпуштен од позицијата главен диригент на Минхенската филхармонија. Отпуштањето на 68-годишниот диригент дојде откако тој не одговори на барањата на оркестарот да се огради од руската инвазија врз Украина.
„Јасен сигнал до оркестарот, неговата публика и градските политичари би бил неопходен за да можат да работат заедно“, рече градоначалникот на Минхен Дитер Ритер.
„Бидејќи тоа не се случи, единствената работа што останува е итна разделба“, рече тој.
Гергиев не зборуваше јавно за војната, но важи за лојален поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин. Гергиев, кој е главен диригент во Минхен од 2015 година, во минатото ја поддржа нелегалната руска анексија на Кримскиот Полуостров од Украина, како и руските закони со кои се ограничуваат правата на ЛГБТ заедницата.
Гергиев исто така е исфрлен од претстојните концерти во Филхармонијата во Париз, Филхармонијата во Виена, Карнеги хол во Њујорк и од шкотскиот Меѓународен фестивал.
Исто така, Меѓународната одбојкарска федерација денеска соопшти дека на Русија ѝ е одземена организацијата на Светските првенства во одбојка во машка и женска конкуренција кои требаше да се одржат во август и септември.
Руските и белоруски лизгачи во уметничко и во брзо лизгање кои ја поддржаа воената акција на Москва добија забрана за меѓународни натпревари. Одлуката на Меѓународната лизгачка унија значи дека овие спортисти нема да се натпреваруваат на светското првенство од 21 до 27 март.
Меѓународниот олимписки комитет на 28 февруари им препорача на меѓународните спортски федерации и организатори на настани да се воздржат од канење или дозволување „учество на руски и белоруски спортисти и претставници на меѓународните натпреварувања“.
Меѓународниот олимписки комитет исто така му го одзеде Олимпискиот орден на претседателот Путин, кој му го додели во 2001 година.
Претседателот на Рускиот олимписки комитет Станислав Поздњаков одговори дека категорично се противат на тие одлуки.
Одделно од тоа, Светската фудбалска федерација ФИФА и Европската фудбалска федерација ја исфрлија Русија од Светското првенство и од сите меѓународни фудбалски натпреварувања на неопределено време.
Меѓународната хокеарска федерација објави слична забрана за Русија и Белорусија, а на Русија ѝ ја одзеде организацијата на Светското јуниорско првенство во хокеј во 2023 година.
Минатата недела Формула 1 ја откажа трката за Големата награда на Русија која требаше да се одржи на 25 септември во Сочи.