Османи - Ако историската дебата се преточи во политичка, може да биде погубно за нас

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Наш државен интерес е историските прашања да се зачуваат и да се разговараат во Историската комисија, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинари. Тој одговараше на новинарско прашање за Предлог-декларацијата по повод 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, која денеска е на дневен ред на 64-та седница на Собранието. Османи вели дека тоа е спротивно на државните интереси.

„Наш државен интерес е историските прашања да се зачуваат и да се разговараат во Историската комисија. Протекувањето на историската дебата од Историската комисија како заштитник на нашите позиции во политичка дебата, во која политичките интереси, партиските интереси ќе одлучуваат за нашите државни позиции може да биде пресудно за нас“, рече Османи.

Тој вели дека се направени одредени позитивни исчекори во Историската комисија во однос на начинот на продолжување на активностите.

За жал, како што рече, има политички партии кои вакви важни државни прашања не успеваат да ги тргнат од дневно-политичка агенда.

„И тоа во услови на еден воен конфликт, во кој ние се подготвуваме за бегалци, во кој имаме наши граѓани кои се во подрумите на зградите кои се бомбардираат, ние отвораме дебата за дополнително поларизирање на нашето општество“, рече министерот за надворешни работи.

Брифингот со новинарите беше посветен на состојбите во Украина и извлекувањето на македонски државјани од таа земја, но министерот одговараше и на прашања за Бугарија, која го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ.