Најмалку 70 украински војници загинале кога руски војници гранатирале воена база во градот Охтирка, кој се наоѓа меѓу Харков и Киев, соопшти денеска шефот на регионот Суми, Дмитро Живицки.
Градоначалникот на Херсон, Ихор Колихаев на Фејсбук напиша дека руската војска поставува контролни пунктови на влезовите во градот.
„Херсон бил и ќе остане украински“, напиша Колихаев.
Херсон се наоѓа северозападно од Кримскиот Полуостров, кој беше илегално анектиран од Русија во 2014 година.
Шефот на регионот Доњецк, Павло Кириленко, денеска на Фејсбук напиша дека Мариупол остана без струја по нападите на руските сили, Според него овој град сè уште го држат украинските сили.
Шефот на сепаратистите во источниот регион, Денис Пушилин, рече дека целта е до крајот на денот да се опколи стратешки важниот град кој се наоѓа на Азовското Море.
Голем воен конвој се собира пред Киев, покажуваа сателитските снимки. Тие покажуваат дека конвој оклопни возила и артилерија што се протега на повеќе од 65 километри се наоѓа на неколку километри од главниот град. Украинските вооружени сили во тоа гледаат обид руските сили да го опколат и да ја преземат контролата над најголемиот град во земјата.
Советникот во Министерството за внатрешни работи Антон Харашченко изјави дека десетина луѓе биле убиени во ракетни напади во Харков на 28 февруари.
Според очевидци и во северниот украински град Чернихив во близина на границата со Белорусија на 28 февруари во ракетен напад се запалила зграда. Локалните жители ја обвинија руската војска за нападот.
Во своето обраќање на 28 февруари, Зеленски апелираше до руските војници да го положат оружјето. Тој рече дека повеќе од 4.500 руски војници веќе ги загубиле животите за време на нападот врз Украина.
Нема независни потврди за бројот на жртви.
Руската армија на 27 февруари за прв пат призна дека нејзини војници биле „убиени и повредени“, но не соопшти бројки и дополнителни детали.
Русија го започна нападот врз Украина пред шест дена, на 24 февруари. Вчера не се постигна напредок во разговорите за прекин на огнот меѓу украинските и руските претставници, иако и двете стани се согласија да се продолжат преговорите во наредните денови.