Македонските власти во соработка со партнерите се обидуваат да евакуираат семејство на македонски државјани во Харков, Украина со бебе од пет дена, рече денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи на брифинг со новинарите.
Тој вели дека од МНР уште пред да почне инвазијата упатуваше апел до македонските државјани да ја напуштат Украина, но посоченото семејство не можело да одговори на апелите, оти чекале термин за породување. Министерот вели дека откако ќе заврши акцијата ќе каже на кој начин тие се извлечени од Украина.
Првичните апели на МНР ги послушале само 20 македонски државјани и ја напуштиле Украина, а потоа се извлечени уште 30 граѓани, рече Османи. Тој вели дека најмногу македонските власти соработуваат со Бугарија и Полска за извлекување на државјаните од Украина, но дека соработуваат и со други партнери. Во Украина има уште 50 наши државјани од кои 20 се во Киев.
Министерот рече дека се очекува состојбата во Украина да се разгорува во наредните денови и покрај тоа што вчера имаше прва рунда на преговори меѓу украинската и руската страна.
Османи на брифингот рече дека во Украина се заглавени и македонски возачи на камиони, но дека не може да ја напуштат земјата, оти превезуваат руска стока, а забрането е таа стока да ја напушти Украина. Превозниците се заглавени на границата Украина-Полска. Тие може сами да ја напуштат Украина, без нивните камиони. Македонскиот амбасадор во Варшава се обидел да им помогне, отишол на границата, но како што вели Османи, Украинците имаат други проблеми и не ги пуштаат.
Министерот за надворешни работи рече и дека е одложено испраќањето на македонскиот амбасадор во Русија. Тој требаше да биде испратен на 15 март, но тоа е одложено, рече министерот.
Македонија се приклучи кон санкциите на ЕУ кон Москва, по инвазијата на Украина. Земјата го затвори воздушниот простор, а на владина седница беше одлучено да и се прати воена и хуманитарна помош на Украина.