Институт за јавно здравје во својот неделен извештај наведува дека се намалува бројот на позитивни случаи на ковид, на хоспитализирани и на починати. Минатата недела регистрирани сe 3.702 нови позитивни случаи, што е намалување од 39,5 отсто во однос на претходната седмица. Има намалување и на бројот на тестирани.
Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје, а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци , Скопје и Гевгелија.
Во однос на претходната недела, се бележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најмногу во возрасната група од 10-19 години и кај лицата на возраст од 50-59 години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 6.094 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување.
Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 543 реинфекции, од кои една е втора реинфекција, со намалување за 37,2 проценти во однос на претходната недела.
Пријавени се 68 смртни случаи во 19 градови, за 45,6 отсто помалку во однос на претходната недела.
Според извештаите од болниците, моментално се хоспитализирани 337 лица (23,3 проценти помалку во споредба со претходна недела), од нив 255 се на кислородна поддршка, а девет на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.
Заклучно со 28.02.2022, вакцинирани се вкупно 870.405 лица со барем една доза на вакцина против ковид-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 849.727 лица, а со трета доза се вакцинирани 142.201 лица.