Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Русија на 28 февруари истрелала ракета на градот Харков, истакнувајќи дека тоа е очигледно воено злосторство.
„Харков е мирен град, без воени објекти. Десетици снимки од очевидци докажуваат дека не се работи за еден проектил, туку за намерно уништување на луѓе“, рече Зеленски во обраќање во понеделникот вечерта, на 28 февруари.
Министерството за внатрешни работи на Украина наведе дека десетина цивили загинале откако Харков, вториот по големина град во земјата, е гранатиран на 28 февруари.
Харков стана едно од главните боишта откако Русија започна воена инвазија на Украина на 24 февруари.
Зеленски наведе дека за пет дена од руската инвазија, Украина била погодена од 56 ракетни напади и 113 крстосувачки проектили, пренесува Си-Ен-Ен.
„Ова е кршење на сите конвенции. Никој на светот нема да ви прости што убивате мирољубив украински народ. Дефинитивно ќе постои меѓународен суд за ова злосторство“, рече Зеленски.
Тој вели дека е потребно потполно затворање на небото за руските ракети, авиони и хеликоптери.
„Злото наоружано со проектили, бомби и артилерија мора одма да се запре и економски да се уништи. Мора да покажеме дека човештвото знае да се брани“, наведе тој во видео порака објавена на Фејсбук.
Тој исто така ја осуди улогата на Русија во ОН, истакнувајќи дека на земјата која прави воени злосторства не би требало да и се дозволи да биде постојан член на Советот за безбедност на ОН.
Зеленски потпиша декрет со кој привремено се укинуваат условите за визи за влез на сите странски кои сакаат да се борат на страната на Украина против руската инвазија.
Уредбата стапува на сила на 1 март и ќе остане да важи сè додека трае и вонредната состојба.