Вонредна седница на бугарскиот парламент за оставката на министерот за одбрана

Кирил Петков пред Народното собрание

За оставката на бугарскиот министер за одбрана Стефан Јанев денеска ќе се гласа на вонредна седница на бугарскиот парламент.

Оставката ја побара бугарскиот премиер Кирил Петков, кој изјави дека ниту еден министер во Владата нема право на своја надворешна политика, особено на Фејсбук.

Повод за неговата изјава беше објава на Јанев во неделата во која руската инвазија врз Украина ја нарече операција, по што премиерот беше дециден дека ниту еден министер нема право да каже дека бугарската Влада се потпира на него.

Петков коментираше дека Стефан Јанев не може да нарече „операција“ нешто во кое загинаа толку многу луѓе, а некои од нив останаа без покрив над главата и спиеја во метро станиците во Киев и Харков.

Петков потсети дека коалицискиот договор предвидува секоја партија да одговара за своите министри, додека генерално владата е одговорност на бугарскиот премиер.

Тој иницираше свикувањето на вонредна седница на Националното собрание на која ќе се гласа за оставката на Јанев поради комплицираната ситуација поврзана со Украина.

Ова ќе биде прва оставка во новата бугарска влада откако е избрана кон средината на декември минатата година. За нов министер за одбрана на Бугарија е предложен Тодор Тагарев, кој веќе еднаш ја извршуваше оваа функција во преодната влада на Марин Рајков во 2013 година.