Русија суспендирана од меѓународниот фудбал

Илустрација- фан на руската фудбалска репрезентација

ФИФА и УЕФА ги суспендираа сите руски национални тимови и клубови од меѓународните фудбалски натпреварувања како реакција на руската инвазија врз Украина. УЕФА, управното тело на европскиот фудбал, исто така, го откажа спонзорскиот договор со руската енергетска компанија Газпром, откако меѓународните спортски тела на 28 февруари одлучија дополнително да ја изолираат Русија.

„Фудбалот е целосно обединет и во целосна солидарност со сите засегнати луѓе во Украина“, се вели во заедничката изјава на ФИФА и УЕФА.

„Претседателите на двете организации се надеваат дека ситуацијата во Украина значително и брзо ќе се подобри за фудбалот повторно да може биде вектор за единство и мир“, се додава во соопштението.

Соопштението следува откако Меѓународниот олимписки комитет препорача меѓународните спортски федерации да забранат учество на руски и белоруски спортисти и официјални лица на меѓународни натпревари. МОК во соопштение на 28 февруари наведе дека неговиот извршен одбор донел одлука „да го заштити интегритетот на светските спортски натпревари и безбедноста на сите учесници“.

Шефот на рускиот олимписки комитет, Станислав Поздњаков, рече дека Русија „категорично“ не се согласува и додаде дека одлуката е во спротивност со документите на Меѓународниот олимписки комитет и со духот на олимпиското движење.