Гутереш: Незамислива е идејата за нуклеарен конфликт

Антонио Гутереш - Генерален секретар на ОН

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, на вонредната седница на Генералното собрание на ОН за Украина во понеделникот (28-ми февруари) рече дека идејата за нуклеарен конфликт е „едноставно незамислива“.

Рускиот претседател Владимир Путин во неделата нареди руските нуклеарни сили да бидат ставени на подготвеност, што Гутереш го опиша како „застрашувачки развој“.

Тој исто така, рече дека ОН имаат „веродостојни проценки“ дека руските напади се насочени кон станбени згради, критична цивилна инфраструктура и други невоени цели.

„Се соочуваме со она што лесно може да стане најлошата хуманитарна и бегалска криза во Европа во последните неколку децении“, рече Гутереш.

Шефот на ОН ги повика сите страни во украинската криза да обезбедат безбеден, брз и непречен пристап до хуманитарна помош. Нагласи дека се надева оти директните разговори меѓу Русија и Украина ќе доведат до итен прекин на борбите и ќе го отворат патот за дипломатско решение.

Во своето обраќање на седницата, украинскиот амбасадор во ОН, порача дека меѓународниот мир и демократијата ќе бидат во опасност доколку неговата земја биде поразена.

„Украина сега ја плаќа цената за сопствената слобода и безбедност, но и за целиот свет. Ако Украина не преживее, нема да преживее ниту меѓународниот мир ниту Обединетите нации“, , рече амбасадорот Сергиј Кислица.