Швајцарија се приклучи на санкциите на ЕУ кон Русија

Берн, Швајцарија- Демонстрант држи транспарент за време на антивоенот протест против инвазијата на Русија врз Украина 26 февруари 2022 година

Традиционално неутрална Швајцарија ќе ги усвои сите санкции што веќе ги воведе Европската унија кон Русија поради нејзината инвазија врз Украина, вклучително и против претседателот Владимир Путин, изјави во понеделникот швајцарскиот претседател Игнацио Касис, а пренесува Агенцијата Франс Прес.

„Ова е голем чекор за Швајцарија“, рече Касис на прес-конференција, откако неутралната алпска држава со денови се двоумеше дали да се приклучи на меѓународниот потег за санкционирање на Москва поради нападот врз нејзиниот сосед.

Додека Европската унија минатата недела донесе остри санкции за Русија откако таа започна целосна инвазија врз Украина, Берн првично рече дека ќе се погрижи тие казни да не можат да се заобиколат преку Швајцарија.Но, по состанокот на владата во понеделникот беше објавено дека сега целосно ги прифаќаат санкциите.

„Швајцарија ќе ги спроведе санкциите во координација со ЕУ“, се вели во соопштението на владата.

Министерот за финансии Уели Маурер изјавидека имотот на оние кои фигурираат на црната листа на Брисел, вклучувајќи ги Путин, премиерот Михаил Мишустин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, се „замрзнати “. Министерката за правда Карин Келер-Сатер во меѓувреме наведе пет олигарси блиски до рускиот претседател и кои имале силни врски со Швајцарија, на кои веднаш им бил забранет влезот во земјата.

Официјален Берн беше под зголемен притисок да се усогласи со санкциите на ЕУ и САД против Русија, при што речиси сите политички партии го поддржаа потегот. Во саботата, околу 20.000 демонстранти маршираа во Швајцарија во знак на солидарност со Украина, а многумина гласно повикаа да се воведат санкции.