Вучиќ: Не знам колку е опасно Косово да стане членка на НАТО, но не е наивно

Претседателот на Србија - Александар Вучиќ со Премиерката Ана Брнабиќ на состанок за ситуацијата во Украина

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека во овој момент не може да процени колкава е „реалната опасност“ Косово да стане членка на НАТО, што беше пласирано од Приштина како барање, но дека ситуацијата не е „нималку наивна“ и дека за таа идеја слушнал и пред околу половина година од српските безбедносни служби, јави дописникот на МИА од Белград.

„Без разлика дали уште некој ќе го признае Косово како независно, ние остануваме посветени на меѓународното јавно право и се грижиме за нашиот територијален интегритет“, изјави денеска Вучиќ.

Во врска со барањето на Приштина Косово да биде примено во НАТО, тој изјави дека тоа е идеја на албанските лобисти, некои политичари од Европската унија и Америка, за да ги принудат земјите од ЕУ, членки на Алијансата кои не го признаа Косово, да го направат тоа.

Косовскиот министер за одбрана Арменд Мехај вчера на Твитер напиша дека членството на Косово во НАТО е итна потреба за гарантирање на безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко, бидејќи, како што рече, Европа и светот се соочуваат со сериозен безбедносен предизвик по руската инвазија врз Украина.

„Постои голема потреба демократските земји да преземат решителни чекори и да се обединат пред таквиот предизвик. Косово покажа силна посветеност на демократските вредности и мирот. Ги повикуваме земјите кои не ја признаа независноста да не се двоумат да направете го тоа“, додаде тој.

Мехај, исто така, го повтори својот повик до Соединетите Држави да воспостават постојана воена база на Косово за зајакнување на мирот и стабилноста во регионот и пошироко. Истата покана Косово ја испрати до САД во октомври 2021 година.

Во Косово има американски воен камп Бондстил од 1999 година. Се наоѓа во Урошевац, на околу 40 километри од Приштина. Ова е единствениот воен камп на САД во Југоисточна Европа.