ЕУ порача Србија да се усогласи со одлуките за санкции кон Русија

Илустративна фотографија.

Европската унија очекува официјален Белград да се усогласи со одлуките за воведување на санкции кон Русија поради војната во Украина, беше порачано во Брисел.

„Очекуваме сите земји кои сакаат поблиски односи со ЕУ да бидат усогласени со нашата политика на санкции“, изјави главниот портпарол на Европската комисија Ерик Мамер.

Портпаролката на ЕК за проширување Ана Писонеро потсети на изјавата на европскиот министер за надворешни работи Жозеп Борел по вонредниот министерски состанок на 27 февруари, кој рече дека „ЕУ мора да погледне што се случува со позициите за хармонизација на балканските земји кандидати за членство во ЕУ со нашата надворешна политика“.

„Од земјите-кандидатки, како што е Србија, се очекува да се усогласат со одлуката и ставот на ЕУ за надворешната политика и безбедносните прашања“, рече Писонеро.

ЕУ на 22 февруари го воведе првиот пакет санкции кон Русија. Тогаш ЕУ порача дека очекува Србија позитивно да одговори на барањето за усогласување со надворешната политика на ЕУ.

По седницата на Советот за национална безбедност на 25 февруари, претседателот Вучиќ објави дека Србија смета дека е многу погрешно да се нарушува територијалниот интегритет на која било земја, вклучително и Украина, но дека нема да воведува санкции кон Русија.

Србија е единствената земја во регионот која не ја усогласила својата надворешна политика со политиката на ЕУ кон Русија, со тоа што не воведува санкции кон Русија.