Во Србија пристигнаа првите бегалци од Украина кои нè контактираа во саботата и тоа продолжи до денес“, изјави за Радио Слободна Европа директорот на невладиниот Центар за заштита и помош на барателите на азил Радош Ѓуровиќ.
„Засега тоа се луѓе кои доаѓаат кај роднини и пријатели. Тие нè прашуваат како и каде да се регистрираат и како да добијат заштита додека се во државата“, рече Ѓуровиќ.
Според податоците со кои располага Центарот за заштита и помош на баратели на азил, моментално во Србија има места за прием на околу 6.000 лица. Оваа организација очекува во Србија да дојдат над 10.000 бегалци од Украина.
„Близината на Украина бара од нас да почнеме да се подготвуваме за ненадејно доаѓање на луѓе. Апелираме до државата што е можно поскоро да го зголеми капацитетот за прием“, вели Ѓуровиќ.
Според сегашните закони, граѓаните на Украина без визи можат да останат во Србија еден месец. Сепак, вели Ѓуровиќ, тоа не го решава проблемот доколку се појават голем број бегалци кои немаат сместување.
Како што вели Ѓуровиќ, Србија, како и Унгарија, треба да донесе акт за привремена заштита на бегалците.
„Унгарците досега ги спречуваа луѓето да бараат азил во Унгарија, дури и тоа беше регулирано со закон. Со тоа, главно тие ќе бидат протерани во Србија. Ние стравуваме како тоа сега ќе биде, но унгарските власти на крајот на минатата недела усвоија акт со кој на бегалците не им се дава официјално азил, но им се гарантира влез во земјата, престој и заштита деодека не добијат право да им се разгледа правото на азил“, изјави Ѓуровиќ за Радио Слободна Европа.
Тој рече дека ова е единствениот чекор напред за Унгарија во насока на односите со бегалците, но наведува дека останува прашањето како земјата ќе прими голем број луѓе, бидејќи нема развиен систем за прием.
Според него, Унгарија досега примила 75.000 бегалци од Украина.
РСЕ го праша Комесаријатот за бегалци и миграција како Србија се подготвува за евентуално доаѓање на бегалци од Украина и колку од нив се дојдени од 2014 година. Одговорот не стигна до моментот на објавување на овој текст.