Вершбоу - По руската инвазија НАТО треба да почне да зборува со „јазикот на Путин“

Архивска фотографија - Поранешниот заменик секретар на НАТО Александар Вершбоу.

Инвазијата на рускиот претседател Владимир Путин врз Украина ги „надмина сите наши очекувања“ и ќе предизвика „значајни импликации“ врз безбедносниот поредок на Европа, изјави за Радио Слободна Европа поранешниот заменик секретар на НАТО Александар Вершбоу.

Вершбоу беше и амбасадор на САД во Русија од 2001 до 2005 година. Во интервју за грузискиот сервис на Радио Слободна Европа, тој рече дека Путин е „опседнат со идејата да го поткопа поредокот создаден по Студената војна“ и да ја врати Европа во ера на сфери на влијание каде поголемите нации ќе доминираат врз помалите.

Тој истакна дека тоа значи оти западната воена алијанса со седиште во Брисел, ќе мора во иднина да заземе поцврста позиција кога ќе се справува со Кремљ.

„Вистинската моќ доаѓа од воената моќ. Путин секако се чувствува така. Мислам дека НАТО ќе мора да развие култура на подготвеност и да почне да зборува на јазикот на Путин“, рече 69-годишниот поранешен дипломат.

Вершбоу вели дека со спроведувањето на руската неиспровоцирана инвазија врз Украина која започна на 24 февруари, Путин го раскинал дипломатскиот правилник додека се обидувал да ја преработи историјата и да го задржи „вирусот“ на демократијата надвор од Русија.