Група познати руски јавни личности кои се во егзил создадоа Антивоен комитет за да ги повикаат на одговорност рускиот претседател Владимир Путин и другите руски функционери кои минатата недела започнаа „братоубиствена војна“ против Украина.
Поранешниот руски тајкун - опозицискиот политичар Михаил Ходорковски го објави создавањето на групата во која, меѓу другите, се и поранешниот светски шампион во шах Гари Каспаров, рускиот опозициски активист Владимир Кара-Мурза, прогонетиот поранешен руски пратеник Дмитриј Гудков и водечкиот руски економист Сергеј Гулиев.
Во соопштението објавено доцна на 27 февруари, групата ја повика светската заедница да „заземе принципиелна позиција кон прекршителите на меѓународното право“. Во соопштението се додава дека секое лице вклучено во руската инвазија врз Украина мора да биде одговорно за своите постапки.
„Директните учесници во инвазијата, како што се генералите и политичкото раководство на Русија кои го претставија планот за инвазијата, мора да бидат препознаени како воени злосторници и да се соочат со казна за нивните дела“, се вели во соопштението.
Во соопштението, исто така, се вели дека „има јасна разлика меѓу Русите кои против нивната волја беа вовлечени во авантуристичката политика на Путин и оние кои доброволно му помагаат на режимот на Путин во тековната братоубиствена војна“.
„Ние сме руски државјани, ние носиме морална одговорност што не ја спречивме војната, што дозволивме предавнички напад на руските трупи врз соседна земја“, се вели во соопштението.
„Антивоениот комитет ги повикува сите вистински патриоти на Русија да се консолидираат против агресивната диктатура на Владимир Путин и покрај секаков вид политички спорови, идеолошки разлики и лични симпатии или антипатии“, се додава во соопштението.
Од првиот ден на агресијата која започна на 24 февруари, во руските градови се одржуваат протести против руската инвазија на Украина. Оттогаш се приведени речиси 6.000 демонстранти.