Шефот на Обединетите нации (ОН) вели дека интензивирањето на руската воена инвазија на Украина довело до зголемување на кршењето на човековите права, додека Москва го спроведува својот неиспровоциран напад врз земјата.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во денешен снимен говор на отворањето на Советот за човекови права во Женева, рече дека ОН имаат тимови на терен кои ја следат ситуацијата.
„Ескалацијата на воените операции на Руската Федерација во Украина води кон ескалација на кршењето на човековите права“, рече Гутереш.
Тој не даде повеќе детали.
„Мораме да им покажеме на сите луѓе во Украина дека стоиме покрај нив во време кога за тоа имаат потреба“, додаде тој.
Рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари нареди воена операција во Украина, а украинскиот претседател Володимир Зеленски прогласи воена состојба во земјата и нареди општа мобилизација.
Борбите се водат во неколку украински градови, меѓу кои Киев, Суми, Мариупол, Одеса и Харков.