ЕУ и Г7 ќе ги блокираат трансакциите на Централната банка на Русија

Министрите за надворешни работи на Европската Унија синоќа се договориле, со согласност на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7), да ги блокираат трансакциите на руската Централна банка, соопшти високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел.

Политичкиот договор, според Борел, го отвора патот за спроведување на мерките веќе од денеска. Тој додаде дека повеќе од половина од резервите на Централната банка на Русија се наоѓаат во банките на земјите од Г7 и оти тие резерви ќе бидат блокирани.

Членките на Г7 и на ЕУ во саботата веќе се договорија да ги блокираат активностите на руската Централна банка на своја територија, што значи драстично ограничување на способностите на таа банка да ги конвертира своите девизни резерви. Целта на мерката е да се спречи Москва да ги користи тие резерви за финансирање на војната во Украина.

Според агенцијата Блумберг, резервите на руската Централна банка, кои вклучуваат средства во долари, евра и јуани, како и златни резерви, изнесуваат околу 460 милијарди долари.