И Албанија го затвори воздушниот простор за руски авиони

Олта Џачка

Албанија од синоќа го затвори воздушниот простор за сите руски авиокомпании или секој авион регистриран во Русија, информира министерката за Европа и надворешни работи, Олта Џачка.

Според неа, од тоа се изземаат оние летови кои се за хуманитарни или медицински цели или меѓудржавни потреби.

Џачка информира и за други економски санкции против Русија, што ќе траат „сè додека Русија ја продолжува агресијата врз Украина“.

„Економските санкции опфаќаат ограничувачки мерки во секторот финансии, енергија, транспорт и технологија. Исто така, Албанија нема да учествува на ниту еден спортски натпревар со Руската Федерација“, истакна меѓу другото Џачка, соопштувајќи ја одлуката на албанската Влада.

Рестриктивните мерки ќе важат за 654 личности и 52 субјекта. Дополнително, како што нагласи таа, воведена е забрана за патување на албанска територија за лица наведени од ЕУ.