Сирени и експлозии пред зори во Украина

Илустрација - Чад на Киев, 27 02 2022

Рано утрото во Киев се огласија воздушни сирени, на петтиот ден од инвазијата. Многу жители на градот продолжија да се кријат под земја. Неколку експлозии се регистрирани во текот на ноќта во главниот град на Украина и во други градови низ земјата, јавува Би-Би-Си.

Украина тврди дека нејзините војници успеале да одбијат неколку напади на руските војници кои се обидувале да извршат инвазија во предградијата на главниот град. Инвазијата на Русија почна на 24 февруари, по што стасаа осуди од многу држави и институции. Украина пријави стотина жртви и над илјада повредени.

„Покажавме дека можеме да го заштитиме нашиот дом од непоканети гости“, рече командантот на вооружените сили, генерал-полковник Александар Сирски, во соопштението објавено пред зори на 28 февруари.

Видете и ова: ЕУ ќе финансира купување оружје за Украина

Во меѓувреме, видеата објавени во текот на ноќта покажуваат пожар во станбена зграда во Чернигов кој избувна откако беше погоден од руска ракета, се вели во извештаите.


Експлозиите беа пријавени и во Харков на исток, каде во неделата имаше жесток конфликт, откако украинските сили повторно го зазедоа вториот по големина град во земјата од руските сили.