Европската унија планира да преземе чекор без преседан за купување оружје за Украина, изјавија претставници на блокот, додека блокот објави серија нови санкции како одговор на руската инвазија на Украина.
Планот на ЕУ ќе значи обезбедување на милиони евра со цел да се помогне во купување системи за противвоздушна одбрана, противтенковско оружје, муниција и друга воена опрема за вооружените сили на Украина. Исто така, планот предвидува снабување на работи како гориво, заштитна опрема, шлемови и комплети за прва помош.
„За прв пат досега, Европската унија ќе финансира купување и испорака на оружје и друга опрема во земја која е нападната“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, нарекувајќи го „момент на пресврт. ”
Таа очекува мерката да биде одобрена од лидерите на ЕУ заедно со други значајни потези, како забрана за про-Кремљ медиумите РТ и Спутник, затворање на воздушниот простор на ЕУ за руските авиони и санкции против Белорусија.
Таа рече дека РТ и Спутник се дел од „медиумската машина на Кремљ, а ЕУ развива алатки за забрана на нивните токсични и штетни дезинформации во Европа“.
„Тие повеќе нема да можат да ги шират своите лаги за да ја оправдаат војната на Путин и да видат поделба во нашата Унија“, рече фон дер Лајен.
ЕУ, исто така, ќе спроведе санкции и за рускиот сојузник Белорусија.
„Режимот на белорускиот моќник Александар Лукашенко е соучесник во злобниот напад против Украина“, рече фон дер Лајен.
Новите рестриктивни мерки ќе ги погодат најважните сектори во Белорусија, вклучувајќи ги тутунот, дрвото, цементот, железото и челикот.
Мерките се надоврзуваат на санкциите на ЕУ објавени вчера, вклучително и исклучување на некои руски банки од меѓубанкарската мрежа СВИФТ, забрана на сите трансакции со руската централна банка и ограничувања за руските олигарси.