Путин го стави нуклеарното оружје на висока готовност

Илустративна фотографија/ Руска нуклеарна подморница

Претседателот Владимир Путин ги стави руските сили за нуклеарно одвраќање на висока готовност поради ескалацијата на тензиите со Западот поради инвазијата на Украина.

Говорејќи на состанокот со високи функционери, Путин рече дека водечките сили на НАТО дале „агресивни изјави“ заедно со западните земји кои вовеле осакатувачки финансиски санкции против Русија, вклучувајќи го и самиот претседател.

Путин им нареди на рускиот министер за одбрана и на началникот на Генералштабот на војската да ги стават силите за нуклеарно одвраќање во „специјален режим на борбена должност“, што значи дека нуклеарното оружје на земјата ќе биде во зголемена состојба на подготвеност за лансирање.

Наредбата веднаш предизвика загриженост дека тензиите со Западот може да доведат до употреба на нуклеарно оружје.

На 26 февруари, група западни земји се согласија да го блокираат пристапот на „одбраните“ руски банки до финансискиот систем СВИФТ и да воведат „рестриктивни“ мерки против руската централна банка поради неиспровоцираната агресија на Путин против Украина.

Се очекува овие потези сериозно да и наштетат на руската економија и на рубљата.

Претходно руското државно обвинителство предупреди дека секој што дава финансиска или друга помош на странска држава или меѓународна организација насочена против безбедноста на Русија може да биде осуден за предавство, соочен со максимална казна од 20 години затвор.

Русија пред четири дена ја нападна Украина, а ноќеска руски сили влегоа и во Краков, вториот град по големина во Украина.