Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неговата земја поднела жалба против Русија до највисокиот суд на ОН кој ги решава правните спорови меѓу државите. Не е прецизно јасно врз која основа случајот е изнесен пред Меѓународниот суд на правдата со седиште во Хаг.
„Украина ја поднесе својата апликација против Русија до Меѓународниот суд на правдата. Русија мора да сноси одговорност за манипулирање со поимот геноцид за да ја оправда агресијата. Бараме итна одлука со која и се наредува на Русија да прекине со воената активност сега“, напиша Зеленски на Твитер.
Засега нема коментар од судот, кој ги решава правните жалби поднесени од државите за наводно прекршување на меѓународното право.
Русија ја започна воената инвазија врз Украина на 24 февруари. Руските сили денеска влегоа во градот Харков.