Евакуирани македонски државјани од Одеса

Зградата на МНР

Министерството за надворешни работи информира дека денес, преку воспоставениот коридор обезбеден преку координација со бугарските власти, две семејства- македонски државјани од Одеса, Украина се дел од коридорот и во текот на денот треба да пристигнат во источниот сосед.

„Во контекст на истата соработка, упатуваме апел до нашите граѓани кои се наоѓаат на територијата на Украина, доколку се во можност, да се упатат во Одеса, во просториите на Генералниот Конзулат на Република Бугарија, од каде сѐ уште има активни коридори за евакуација“, велат од МНР.

Оттаму информираат дека се во постојан контакт со властите на Романија и Унгарија, од каде исто така е остварена соработка и овозможена асистенција за наши државјани кои се наоѓаат во Украина.

„Граѓаните кои се во можност треба да се упатат во западниот дел на Украина, кон Конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево. Информираме дека на овие локации ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина преку овие земји. Во постојан контакт сме и со Властите во Молдавија, од каде исто така имаме добиено потврда за вклучување на нашите државјани во евентуалните нивни коридори за евакуација“, додаваат од МНР.

МНР, според соопштението, е во постојана комуникација со сите партнери и се прават напори да се обезбедат и други безбедносни коридори/конвои и активиран е и механизмот на ЕУ за цивилна заштита.