Агенцијата за бегалци на ОН соопшти дека повеќе од 368.000 луѓе ја напуштиле Украина откако во четвртокот беше нападната од Русија.
„Вкупниот број сега е 368.000 и продолжува да расте“, се вели во твитот на Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР), при што се додава дека новата бројка се заснова на „податоци достапни од националните власти“.
Голем број од оние што ја напуштија Украина преминаа во Полска, каде властите избројале околу 156.000 лица од почетокот на инвазијата рано во четвртокот. Граничарите регистрирале околу 77.300 пристигнати од Украина само во саботата.
Бегалците пристигнуваат со автомобили, во преполни возови, па дури и пеш.
Оние кои што пристигнуваат без да имаат каде да се сместат може да сметаат на помошта од волонтери и членови на невладини организации, но и на останатите граѓани. Дел од бегалците се упатија кон Молдавија, Унгарија, Словачка и Романија.
Денеска и папата Франциск повика на отворање на коридори за бегалците од Украина.
„Има итна потреба да се отворат хуманитарни коридори“, наведе тој при што повика да им биде посакано добредојде на украинските бегалци.
Четврти ден трае руската инвазија врз нејзиниот сосед Украина. Руската војска ноќва влезе во вториот по големина град во Украина, Харков.