Борел ќе предложи да се користат фондовите на ЕУ за Украина

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел

Шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел ќе предложи користење на фондовите на ЕУ за да се помогне во финансирањето на оружје и други залихи како гориво за Украина.

„Ќе им предложам на министрите за надворешни работи да го користат Европскиот мировен фонд за две мерки за итна помош“, рече тој.

ЕУ денеска на виртуелен состанок ќе разговара за новите санкции кон Русија.

„Тие имаат за цел да го финансираат снабдувањето со смртоносен материјал за херојската украинска армија, која се бори со жесток отпор против руските напаѓачи и ги обезбедува итно потребните несмртоносни залихи, како што е горивото“, порача Борел.

Руските сили во меѓувреме влегоа во Харков, вториот по големина град во Украина. Шефот на регионалната администрација во Харков, Олег Синегубов, изјави дека украинските сили се борат против руските војници во градот и побара од цивилите да не ги напуштаат своите домови.

Украинскиот министер за здравство Виктор Љашко вчера изјави дека 198 луѓе се убиени, а повеќе од 1.000 други се ранети во руската офанзива. Русија не ги објави бројките за жртвите.

Агенцијата за бегалци на ОН вчера соопшти дека над 120.000 украински бегалци ја напуштиле земјата откако Русија го започна нападот на 24 февруари, главно бегајќи во соседните земји како Полска, Романија, Молдавија и Унгарија.