Вселенскиот патријарх Вартоломеј, духовен водач на околу 300 милиони православни христијани ширум светот и со седиште во Истанбул, повика на прекин на војната во Украина.
„Упатуваме уште една молба да се стави крај на војната сега“, се вели во соопштението.
Вартоломеј, исто така, ја нарече војната одвратна и изрази солидарност и поддршка со украинската црква, која доби независност од Москва, и со „сериозното страдање“ на украинскиот народ.
Во 2019 година, Вартоломеј и додели автокефалност на Православната црква на Украина, правејќи ја независна, во историското одделување на кое силно се спротивстави Русија.
Руските сили во меѓувреме влегоа во Харков, вториот по големина град во Украина. Шефот на регионалната администрација во Харков, Олег Синегубов, изјави дека украинските сили се борат против руските војници во градот и побара од цивилите да не ги напуштаат своите домови.