Германската влада соопшти дека ќе испорача 1.000 противтенковски и 500 противвоздушни ракети Стингер за да ја зајакне одбраната на Украина за време на руската инвазија, што претставува значителна промена во политиката на Берлин во однос на војната. Германија, исто така, соопшти дека ќе и дозволи на Холандија да испорача 400 противтенковски оружја од германско производство во Украина.
„Руската инвазија на Украина означува пресвртница. Наша должност е да дадеме се од себе за да ја поддржиме Украина во одбраната од напаѓачката војска на Путин“, рече канцеларот Олаф Шолц.
Полскиот премиер Матеуш Моравјецки пред денешната средба со Шолц обвини некои западни земји, а особено Германија, дека дозволуваат нивниот „непопустлив егоизам“ да ги спречи да се залагаат за „уништувачки“ санкции потребни против Русија поради нејзината инвазија на Украина.
„Денес нема време за таков непопустлив егоизам што го гледаме во одредени западни земји, вклучително и овде во Германија, за жал“, им рече Моравјецки на полските новинари во Берлин.
Полска, која ја дели границата со Украина, забележа бран од бегалци кои ја преплавија нејзината граница од почетокот на нападот на Москва врз Украина на 24 февруари.
Инвазијата предизвика бран санкции против Москва од Запад. Но, Германија не сакаше да ги следи повиците на неколку други земји да воведат уште построги казни против Русија, како што е исклучувањето од банкарскиот систем СВИФТ, кој го користат илјадници финансиски институции во над 200 земји, вклучително и Русија, за да го олеснат трансферот на пари.
„Русија сака да го уништи нашиот свет каков што го знаеме. Мораме да дејствуваме сега. Немаме време за губење. Сите санкции треба да бидат на маса сега“, додаде тој.