Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги поздрави предлозите на Турција и Азербејџан за мировни преговори со Русија и го издвои неговиот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги како клучен за договорите за поголема меѓународна поддршка на Украина.
„Ќе се бориме онолку долго колку што е потребно за да ја ослободиме земјата“, рече Зеленски во кратката видео порака, додавајќи дека на неговата земја моментално и недостигаат нафта и нафтени продукти.
Зеленски притоа ги поздрави чекорите за исклучување на Русија од „глобалната финансиска цивилизација“.
Претставник на францускиот претседател претходно изјави дека членките на Европската унија се блиску до договор за исклучување на Русија од меѓународниот платен систем СВИФТ.
„Нашите дипломати деноноќно се бореа за да ги инспирираат сите европски земји да се договорат за силна и правична одлука за исклучување на Русија од меѓународната меѓубанкарска мрежа. И ние ја имаме оваа победа. Ова се милијарди и милијарди загуби за Русија- опиплива цена за оваа гнасна инвазија на нашата земја. Украина го освои вниманието на целиот цивилизиран свет. И практичниот резултат? Еве го- СВИФТ. Исклучување од глобалната финансиска цивилизација“, рече Зеленски.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган за време на телефонскиот разговор со Зеленски рекол дека Анкара прави напори за итен прекин на огнот. Во соопштението на турското претседателство се наведува и дека Ердоган исто така изразил сочувство за Украинците убиени во руската инвазија на земјата.
Италија ќе ја поддржи Европската унија за санкциите против Русија како одговор на инвазијата на Москва во Украина, вклучително и мерките за глобалниот платен систем СВИФТ, соопшти кабинетот на премиерот Марио Драги.
Драги денеска телефонски разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, „повторувајќи дека Италија целосно ќе ја поддржи Европската унија за санкциите против Русија, вклучително и за СФИВТ“, се вели во соопштението.