Чешка и Холандија објавија дека планираат да достават поголема воена помош за Украина, која се соочува со инвазија од Русија. Чешкото Министерство за одбрана соопшти дека веднаш испраќа митралези, автомати и пиштоли заедно со муниција вредна околу 8,6 милиони долари.
Министерството соопшти дека Чесите ќе го транспортираат оружјето и ќе го достават до место кое што ќе го одреди украинската страна.Чешка веќе се согласи да и донира на Украина околу 4.000 парчиња артилериски гранати во вредност од 1,7 милиони долари.
Исто така Холандија објави дека ќе испорача 200 противвоздушни ракети Стингер на Украина. Одлуката следи по барањето на Украина. Ракетите Стингер може да се користат против авиони и хеликоптери.
Холандија веќе се согласи минатата недела да достави оружје и воена опрема во Украина, вклучително и 100 снајперски пушки со 30.000 парчиња муниција, како и радарски уреди и детектори за нагазни мини. Дел од оваа пратка е испратена денеска, а останатата ќе следи што е можно поскоро, велат од Владата, повикувајќи се на „логистички“ прашања.