Министерот за надворешни работи Бујар Османи информира денеска дека успеале да ги извлечат нашите дипломати во Украина преку безбедносен коридор.
„Ситуацијата, посебно во текот на ноќта во Киев е влошена. Ние одлуката за евакуација на нашите дипломати ја имаме донесено на денот на руската агресија во Украина, но поради отежнатите околности тие не беа во состојба да ја напуштат Амбасадата. Целиот овој период беа во скривница. Ние потоа преземавме неколку координации со наши партнери и успеавме пред половина час да ги извлечеме нашите дипломати преку безбедносен коридор и тие се веќе тргнати кон Молдавија“, рече Османи.
Тој посочи и дека започнал процес на евакуација за 30 наши монитори во рамки на Специјалната мониторинг мисија кои се упатени кон Молдавија и Полска.
Според него, станува збор за двајца дипломати и уште двајца граѓани кои биле заедно си дипломатите во Амбасада, како и едно семејство кое случајно е придружено со дел од мониторинг мисијата на ОБСЕ.
„Со други граѓани сме во комуникација за да најдеме начин како да ги извлечеме, вклучувајќи ги и семејствата на нашите државјани кои се украински државјани. Има наши државјани кои се мажени или женети со граѓани од Украина, помина одлука на Влада со која и на нивните семејства ќе им обезбедиме засолниште во земјава, но треба прво да се обебезди безбедносен коридор за евакуација“, рече Османи.
Тој додаде дека добиле барање од Украина за конркетна помош пред се во единции на крв, медицински помагала и лекови, но и други средства кои преку Механизмот на цивилна заштита на НАТО и на ЕУ се координаираат во државата.