Италија ја поддржува ЕУ за санкциите против Русија

Италијанскиот премиер Марио Драги

Италија ќе ја поддржи Европската унија за санкциите против Русија како одговор на инвазијата на Москва во Украина, вклучително и мерките за глобалниот платен систем СВИФТ, соопшти кабинетот на премиерот Марио Драги.

Драги денеска телефонски разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски, „повторувајќи дека Италија целосно ќе ја поддржи Европската унија за санкциите против Русија, вклучително и за СФИВТ“, се вели во соопштението.

Земјите на ЕУ вчера се согласија да ги замрзнат европските средства на рускиот претседател Владимир Путин и на министер за надворешни работи Сергеј Лавров за да ја казнат Русија за нападот врз Украина. На почетокот на месецов беше поставен поширок список на санкционирани лица.