Маричиќ: Се бара решение со Бугарија кое нема да го загрози јазикот

Вицепремиерот Бојан Маричиќ

Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ изјави дека се бара решение со Бугарија кое нема да го загрози статусот на нашиот јазик и, како што рече, ќе успеат во тоа.

„Доколку не се договориме околу тоа прашање, не може да има никаков договор со Бугарија“, изјави Маричиќ за Македонското радио.

Владата, според него, се води според Резолуцијата усвоена од сите партии во Собранието.

„Идентитетските прашања Бугарија може да се обиде да ги отвори, но тоа не значи дека ние би влегле во разговор и би прифатиле компромис. Затоа инсистираме сите точки да се решаваат во пакет, каде ќе има баланс во компромисите“, додаде Маричиќ.

За Владата, како што наведе, е неприфатлива каква било промена или додавка во преговарачката рамка со ЕУ за македонскиот јазик и неговиот статус во Унијата.

„Наша цел е да имаме сеопфатен договор, каде јасно ќе се определат обврските од двете страни и ќе бидеме сигурни дека чекорите што би ги направиле ќе доведат до кревање на ветото“, истакна Маричиќ.

Источниот сосед почна да ја блокира македонската европска интеграција една година подоцна во 2020 година, најпрво со инсистирање на теми поврзани со историјата и јазикот.

Во однос на руската инвазија во Украина тој посочи дека ние отсекогаш сме биле за дипломатско решение, разговори и против војна.

„Затоа застануваме со Украина сметајќи дека оваа воена агресија на Русија ќе донесе несреќа, жртви и нестабилност во Европа“, рече тој.

Тој додаде дека Северна Македонија како членка на НАТО и кандидат за членство во ЕУ, во координација со сојузниците застанала на страната на Украина и понудила помош.

Во четвртокот, рускиот лидер Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина.