Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека главниот град Киев сè уште е под украинска контрола.
„Издржавме и успешно ги одбиваме непријателските напади. Борбите продолжуваат“, рече тој во видео пораката објавена на социјалните мрежи.
Русија на 24 февруари започна целосна инвазија во Украина.
„Веќе имаме речиси целосна поддршка од земјите на ЕУ за исклучување на Русија од СВИФТ. Се надевам дека Германија и Унгарија ќе имаат храброст да ја поддржат оваа одлука. Имаме храброст да ја браниме нашата татковина, да ја браниме Европа“, додаде Зеленски.
Украинскиот претседател синоќа рече дека Киев го очекува тешка ноќ. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет.