Руската државна агенција за следење на медиумите Роскомнадзор им нареди на медиумите да ги отстранат извештаите кои го опишуваат нападот на Москва врз Украина како „напад, инвазија или објавување војна“ или ќе бидат блокирани и казнети.
Во соопштението, Роскомнадзор обвини голем број независни медиуми, вклучително и телевизискиот канал Дожд и најпознатиот независен весник во земјата Новаја Газета дека шират „неверодостојни општествено значајни невистинити информации“ за гранатирањето на украинските градови од страна на руската армија и за смртта на цивили.
Во четвртокот, рускиот лидер Владимир Путин започна целосна инвазија на Украина во која загинаа десетици луѓе, а повеќе од 50.000 беа принудени да ја напуштат Украина за само 48 часа што предизвика страв од поголем конфликт во Европа.
Цитирајќи го барањето на Генералното обвинителство, регулаторот посочи дека медиумите во кои е вклучено и радиото „Ехото на Москва“ ќе бидат блокирани доколку не ги отстранат „неверодостојните информации“.
„Роскомнадзор исто така, започна административна истрага за ширење на неверодостојни општествено значајни информации од погоре споменатите медиуми“, се наведува во соопштението.
Прекршокот се казнува со парична казна до пет милиони рубљи (60.000 долари), стои во соопштението каде се додава и дека „веродостојни информации“ може да се најдат во „официјалните руски информативни страници“.
Инвазијата на Украина се случува за време на невидена репресија врз руската опозиција, чии лидери на протестите беа убиени, апсени или принудени да ја напуштат земјата. Руската инвазија почна утрото на 24 февруари. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета.
Многу држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на суверенитетот и територијален интегритет на земјата.