Ковачевски: Земјата е безбедна, претстојат економски предизвици

Премиерот Димитар Ковачевски

Премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето до јавноста порача дека безбедносната состојба во земјата е стабилна и не постои никаква директна закана по неа. Тој истакна дека Владата внимателно ќе ја следи состојбата во Украина и редовно и ќе ги информира граѓаните.

„Сведоци сме на немили настани кои сметавме дека се далеку зад нас, и кои верувавме дека никогаш нема да се повторат на нашето европско тло. Воената агресија на Русија против Украина која веќе однесе многу човечки животи е чин кој силно го осудуваме. Тоа е кршење на меѓународното право и е закана за евроатланската безбедност. Уште еднаш сакам да посочам дека заедно со сојузниците бараме итен прекин на воените дејствија. 21-иот век треба да е век на дијалог, не на војни“, изјави премиерот.

Ковачевски додаде дека граѓаните треба да бидат спокојни, бидејќи Северна Македонија, како членка на НАТО може да смета на нејзината заштита.

„Иако нашата желба е да се избегнат ситуации како оваа, сепак, во вакви услови на голема безбедносна дестабилизација, сфаќаме колку е значајно, да сме дел од најмоќниот воено-политички сојуз. Затоа, ве уверувам, нашата земја е безбедна“, нагласи Ковачевски.

Тој рече и дека поголемите предизвици кои претстојат се од економска природа. Според него, поради воените дејствија на Русија против Украина се продлабочува глобалната енергетска и економска криза и, како што рече, не очекува неизвесна година, во која економијата во Европа и светот ќе претрпи штети.

„Би сакал да ве уверам дека Владата одблиску ги следи промените во светските економски текови и како и досега ќе делува максимално одговорно и во најдобар интерес на заштита на домашната економија и финансиската состојба на граѓаните. Досега, преку правилно поставената стратегија во оваа исклучително кризна година, ние како Влада инсистиравме и овозможивме сите ресурси и енергија да се насочат кон справувањето со кризата и економска поддршка за граѓаните и стопанството. Ги покачивме платите, ќе се покачат пензиите и финансиски ги поддржуваме компаниите. Така ќе продолжиме и понатаму“, порача тој.

Ковачевски се обрати и до сите институции во државата максимално одговорно да ги трошат средствата и максимално ефикасно да работат со цел амортизирање на негативни последици од кризата.

Русија на 24 февруари започна целосна инвазија во Украина во која досега загинаа десетици луѓе, принуди повеќе од 50.000 да ја напуштат земјата за само 48 часа и предизвика страв од поширок конфликт во Европа.