Одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да започне неиспровоцирана инвазија на Украина беше сериозно погрешна пресметка што ќе нанесе огромни штети не само на Украина, туку и на Русија, изјави заменик-државниот секретар на САД, Венди Шерман за украинската служба на РСЕ.
„Владимир Путин ја уби дипломатијата. Тој ја уби контролата на оружјето. Тој го уби создавањето подобра иднина за рускиот народ“, рече Шерман.
Путин на 24 февруари започна целосна инвазија во Украина во која досега загинаа десетици луѓе, принуди повеќе од 50.000 да ја напуштат земјата за само 48 часа и предизвика страв од поширок конфликт во Европа.
„Претседателот Путин направи избор што не мораше да го направи. Но, тој избра да и започне војна на Украина. Тој одлучи да направи трошоци на украинскиот народ и на рускиот народ“, додаде Шерман.
На почетокот на 26 февруари, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави порака од центарот на Киев, велејќи дека Украинците нема да капитулираат, туку ќе се борат да ја одбранат својата татковина.
Неговите коментари дојдоа откако беа пријавени борби околу главниот град на Украина и на други места во земјата. Украинското Министерство за одбрана денеска соопшти дека во инвазијата досега биле убиени 3.000 руски припадници на војската.
„И така, додека рускиот народ ги испраќа своите синови во војна, и можеби ќе види торби со тела, несомнено ќе ги види торбите со тела кои се враќаат, како и украинскиот народ, ќе ги види своите колеги, членовите на нивните семејства како умираат за демократијата и за слободата. Владимир Путин избра нешто што не беше потребно и може удобно да седи во својата дача во Сочи, со наводно милијарди долари, додека обичните Руси и секако Украинците ги сносат последиците од овој ужасен избор што тој го направи“, рече Шерман.
Русија на Путин се наоѓаат во меѓународна изолација додека расте осудата и бесот поради неиспровоцираната руска воена агресија против Украина.