Напад врз станбена зграда во Киев, нема жртви

Нападот врз станбениот блок во Киев

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба објави фотографија на Твитер на која се гледа оштетување на станбена зграда во Киев од руски ракетен напад.

„Киев, нашиот прекрасен, мирен град, преживеа уште една ноќ под напади на руските копнени сили, проектили. Еден од нив удрил во станбен блок во Киев. Барам од светот: целосно да ја изолирате Русија, да ги протерате амбасадорите, ембарго на нафтата, уништете ја нејзината економија. Стоп за руските воени злосторници!“

Подоцна се појави видео на кое се гледа руски ракетен напад врз станбениот блок.

„Никој не е убиен во ракетниот напад“, изјави советник на министерот за внатрешни работи, Антон Херашченко.

Тој исто така рече дека Русија лаже дека не ја гранатира цивилната инфраструктура. Според советникот, најмалку 40 такви локации биле погодени, а руските трупи гранатирале цивилни локации.

Утрово, 26 февруари, во Киев има и улични борби, поради што властите во главниот град на жителите им се советува да останат во засолништа, да избегнуваат приближување до прозорците или балконите и да преземаат мерки на претпазливост за да не бидат погодени од шрапнели или куршуми.

Украинската воена команда објави дека областите во близина на градовите Суми, Полтава и Мариупол биле погодени од воздушни напади во петокот, при што руските крстосувачки ракети Калибар биле лансирани на копно од Црното Море.

Руската инвазија на Украина почна утрото на 24 февруари. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет.