Фејсбук им забрани на руските државни медиуми да се рекламираат на оваа американска социјална мрежа, изјави шефот на безбедносниот протокол на Фејсбук, Натаниел Глејхер.
„На руските државни медиуми им забрануваме да објавуваат реклами или да заработуваат со помош на нашата платформа, каде било во светот“, рече тој преку Твитер.
Тој го пренесе и твитот на неговиот колега од „Мета“ (Фејсбук), Ник Клег, кој напишал дека „преземаат додатни чекори како одговор на руската инвазија на Украина“.
Руската инвазија на Украина почна утрото на 24 февруари. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет.