Гранатирање и улични борби во Киев

Фотографија од станбена зграда погодена при ракетирањето во Киев, 26 февруари 2022

Гранатирање се слушнало во центарот на Киев во саботата наутро, јави дописникот на Ројтерс, по извештаите за пукотници во истата област и напад на воена база во главниот град на Украина.

Утрово, 26 февруари, во Киев има и улични борби, поради што властите во главниот град на жителите им се советува да останат во засолништа, да избегнуваат приближување до прозорците или балконите и да преземаат мерки на претпазливост за да не бидат погодени од шрапнели или куршуми.

Видете и ова: Зеленски: Украина нема да ѝ се предаде на Русија

Украинската воена команда објави дека областите во близина на градовите Суми, Полтава и Мариупол биле погодени од воздушни напади во петокот, при што руските крстосувачки ракети Калибар биле лансирани на копно од Црното Море.

Руската инвазија на Украина почна утрото на 24 февруари. Украинските власти пријавија дека има десетици загинати, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни институции го осудија нападот врз Украина и дадоа поддршка на украинскиот суверенитет и територијален интегритет.