САД разговараат со Индија за нејзиниот став за Украина

Илустрација - Архивска фотографија од индискиот премиер Нарендра Моди во американскиот Конгрес 2016

Соединетите Држави разговараат со Индија за нејзината позиција за руската инвазија на Украина, изјави доцна синоќа портпаролката на Белата куќа Џен Псаки, бидејќи Њу Делхи допрва треба јасно да го осуди нападот на руските сили.

Во четвртокот, на прашањето на новинарите за позицијата на Њу Делхи, претседателот Џо Бајден призна: „Тоа не го решивме целосно“, објави АФП.

Во телефонски разговори со рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот, индискиот премиер Нарендра Моди повика на „итен прекин на насилството“, соопшти неговиот кабинет - но не ја осуди експлицитно воената операција на Москва.

Руската инвазија на Украина започна рано наутро на 24 февруари. Украинските власти објавија дека имаат десетици жртви, стотици ранети и голема материјална штета. Голем број држави и меѓународни сојузи и институции ја осудија инвазијата, во голем број градови во Европа се организираат анти-воени протести, а Европа и САД воведоа санкции за голем број руски поединци и институции. ЕУ го замрзна имотот на рускиот претседател Владимир Путин и на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, како една од санциите поради инвазијата врз Украина.