Папата во Твитер-порака на руски: Секоја војна е срамна капитулација

Папата Франциск

Секоја војна е срамна капитулација, напиша денеска Папата Франциск по повод руската инвазија врз Украина во Твитер порака на повеќе јазици, вклучително и на руски.

„Секоја војна го остава светот во полоша состојба од таа во која го најде. Војната секогаш е пораз на политиката и хуманоста, срамна капитулација, попуштање пред силите на злосто“, напиша Папата, преземајќи дел од своето послание за мирот „Сите браќа“ (Fratelli tutti) објавено во 2020 година.

Неговата Твитер порака е објавена и на вообичаените јазици за неговиот налог (италијански, португалски, полски, француски, англиски, шпански, германски и арапски) и со неа оди хаштаг „Да се молиме заеднички“ и „Украина“.

Папата Франциск утринава отиде во руската амбасада во Ватикан да изрази загриженост на вториот ден од руската инвазија врз Украина. Тоа е невообичаен гест за Папата кој никога не оди во странските претставништва, туку ги прима во апостолската палата дипломатите акредитирани во Ватикан.