Над 50 илјади Украинци избегале од својата земја за помалку од 48 часа од почетокот на руската инвазија, соопшти денеска шефот на агенцијата за бегалци на ОН Филипо Гранди.
Тој вчера наведе дека во Украина има 100 илјади внатрешно раселени.
Руската инвазија која почна во четвртокот рано изутрина поттикна бран бегалци кон границите на Украина со Молдавија, Полска, но и Унгарија и Романија.
Гранди им заблагодари на владите и граѓаните кои ги држат своите граници отворени и прифаќаат бегалци.
Тој рече дека Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) ќе направи сè што е во негова моќ да помогне да се мобилизира меѓународна помош додека се примаат тие бегалци.
Рускиот претседател Владимир Путин вчера наутро покрена инвазија врз Украина, вклучително и во правец на главниот град Киев. Нападот предизвика големи осуди од меѓународната заедница. Западните земји воведоа санкции против Русија.
Украинските сили денеска се борат против руските напаѓачи во околината на Киев, додека Путин ја повика украинската војска да ја преземе власта.