ЕУ го замрзна имотот на Путин и Лавров

Рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров

Европската унија се согласи да ги замрзне средствата на рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров.

Имотот на Путин и Лавров ќе биде замрзнат како дел од масовниот пакет санкции договорен денеска, на вонредниот самит на лидерите на ЕУ. Министрите за надворешни работи на ЕУ ги усвоија новите санкции како одговор на руската инвазија на Украина.

Не е познато колку Путин и Лавров би биле погодени од ова или дали повеќе се работи за симболичен потег.

Латвискиот министер за надворешни работи Едгарс Ринкевич рече дека министрите за надворешни работи на ЕУ „го усвоиле вториот пакет санкции“ и додаде дека „замрзнувањето на имотот ги вклучува претседателот на Русија и нејзиниот министер за надворешни работи“.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, пак, изјави дека санкциите против Путин и Лавров значат дека црната листа на ЕУ сега оди подалеку од олигарсите.

Новите санкции се придужуваат на претходните со кои се замрзна имотот и воведоа забрани за патување за високи функционери и пратеници во Кремљ кои беа вклучени во одлуката на Русија на 21 февруари да признае две области во источна Украина како независни држави.

Ограничувањата се насочени и кон енергетскиот, финансискиот и транспортниот сектор на Русија, а воведена е забрана за извоз на критични технологии и софтвер од Европа во Русија. Ќе се воведат и визни ограничувања.