Советот на Европа соопшти дека ги суспендира сите претставници на Русија од учеството во паневропското правно тело поради инвазијата на Москва против Украина.
Постојаните претставници на нејзините 47 земји-членки „се согласија да ја суспендираат Руската Федерација од нејзините права на претставување во Советот на Европа“, повикувајќи се на членот 8 од статутот, се наведува во соопштението.
Одлуката стапува на сила веднаш и се однесува на правото за учество на Русија во Комитетот на министри и во Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ).
Сепак, одлуката не се однесува и на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), кој е дел од Советот на Европа. Рускиот судија тука останува член на судот и жалбите поднесени против Русија ќе продолжат да се разгледуваат и одлучуваат од судот, се додава во соопштението.
„Суспензијата не е конечна, туку привремена мерка, со што се оставаат отворени каналите за комуникација“, се нагласува во соопштението на Советот на Европа.
Членот 8 од статутот на Советот на Европа дозволува суспензија на правата на застапување на членката, а во подоцнежите чекори дури и нејзино исклучување.
Русија е членка на Советот на Европа од 1996 година, но во минатото беше цел на такви санкции -- по нејзината анексија на украинскиот црноморски полуостров Крим во 2014 година. Тогаш на руската делегација во ПССЕ и беше одземено правото на глас. Русија на тоа одговори со бојкот на седниците на собранието и суспендирање на плаќањето придонес во буџетот на Советот.
Спорот беше решен и правата на Русија беа обновени во 2019 година со договор за кој се залагаше францускиот претседател Емануел Макрон, кој тогаш сакаше да ги обнови односите со Русија, што пак го налути официјален Киев.