Инвестициски грант од 225,6 милиони евра од Европската комисија за поддршка на инфраструктурни и енергетски проекти доби земјава, информираа од Министерството за финансии.
Инвестициските грантови се одобрени во рамки на инструментот Инвестициска рамка за Западен Балкан – ВБИФ, а со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Европската инвестициска банка(ЕИБ).
Поддршката се однесува за кофинансирање на четири важни проекти, проектот за рехабилитација на источниот дел од железничката пруга на Коридорот 8 – трета делница (Крива Паланка – Деве Баир, граница кон Р. Бугарија), за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, за фотонапонска електрана Осломеј, како и за проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици.
Како што соопштија од Минстерството, делницата Крива Паланка -Деве Баир на железничкиот Коридор 8, во должина од 23,4 км ќе чини 412,3 милиони евра за што преку ВБИФ инструментот се обезбедуваат 149,2 милиони евра.
Вкупната инвестициска вредност на проектот за пречистителната станица за отпадни води во Скопје е 136,7 милиони евра, при што од ВБИФ инструментот ќе се обезбедат 69,8 милиони евра.
Изградбата на фотонапонската централа Осломеј ќе изнесува 8,8 милиони евра и ќе ја финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР без државна гаранција, во износ од 5,9 милиони евра, ВБИФ инвестициски грант од 1,6 милиони евра и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 1,3 милиони евра.
За проектот на ЕСМ за транзиција кон соларни фотоволтаици пак со денешната одлука преку ВБИФ инвестициски грант се обезбедуваат средства во износ од 5 милиони евра. Вкупната инвестициска вредност на проектот изнесува 25,5 милиони евра и го финансира АД ЕСМ – Скопје со заем од ЕБОР во износ од 19,8 милиони евра, обезбеден со државна гаранција, ВБИФ инвестициски грант во износ од 5 милиони евра и сопствени средства на АД ЕСМ во износ од 0,7 милиони евра, се појаснува во соопштението.
Грантот инаку е одобрен во рамки на инвестицискиот пакет на Европската унија од 3,2 милијарди евра за Западен Балкан.