Формула 1 ја откажа својата трка во Русија, а финалето на фудбалската Лига на шампиони, наместо во Санкт Петерсбург ќе се игра во Париз поради руската инвазија на Украина.
Формула 1 денеска соопшти дека би било „невозможно“ да се одржи трката во Сочи со оглед на сегашните околности. Трката за Главната награда на Русија беше закажана за 25 септември.
Формула 1 „со тага и шок ги следи случувањата во Украина и се надева на брзо и мирно решение на сегашната ситуација“, соопшти организацијата со седиште во Лондон.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) претходно соопшти дека меѓународните спортски федерации треба или да ги преместат или да ги откажат спортските настани планирани за во Русија и Белорусија.
„Тие треба да го земат предвид прекршувањето на олимпиското примирје од руската и белоруската влада и да им дадат апсолутен приоритет на сигурноста и безбедносна на спортистите“, се вели во соопштението на МОК.
Претходно, Европската фудбалска федерација УЕФА одлучи да го премести финалето на Лигата на шампиони од Санкт Петерсбург во Париз.
„УЕФА сака да ја изрази својата благодарност до францускиот претседател Емануел Макрон за неговата лична поддршка и посветеност најпрестижниот натпревар во европскиот клупски фудбал да се пресели во Франција во време на невидена криза“, се наведува во соопштението на УЕФА.
Кремљ оцени дека оваа одлука е „срамна“.
На итно свиканиот состанок на УЕФА беше одлучено репрезентациите на Русија и Украина како домаќини да играат на неутрален терен до донесувањето поинаква одлука.
Финалето на Лигата на шампиони треба да се одржи на 28 мај.